Приведен е охриѓанец поради сторено кривично дело „загрозување со опасно орудие при тепачки или караница“, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР). Вчеравечер после полноќ, на пресекот на булеварот „Туристичка“ со улицата „Абас Емин“ во Охрид, полицајци го привеле 20-годишниот З.У., кој се сомничи дека го сторил кривичното дело претходната вечер во спортска сала во Охрид.
Како што информираа од полицијата, со повреди нанесени од остар предмет се здобиле С.Д.(25) од селото Лактиње, Општина Дебрца, Ф.Б.(22) и И.А.(22) – двајцата од Охрид. Во врска со овој настан, ноќеска во СВР Охрид бил повикан Х.С.(20) од Охрид и било пронајдено моторно возило „БМВ“ со охридски регистарски таблици, кое било управувано од осомничениот. Се преземаат мерки за целосно расветлување на настанот, по што СВР Охрид најавува оти ќе поднесе соодветни пријави.