Како што рече Ангелов, двата турски ер-трактори заедно со двата ер-трактори на Дирекцијата за заштита и спасување веќе се полетани и ќе започнат со гаснење на пожарот во струмичко Ново село, додека еден хеликоптер започнал со гаснење на пожарот на планината Серта, на кој набргу ќе му се приклучи еден армиски хеликоптер, а веднаш потоа и турскиот хеликоптер.
Во гаснењето се вклучени поголем број пожарникари, на нив им помагаат и припадници од ловечкото друштво, јавните комунални претпријатија и околното население. Се расчистува пат за да може полесно да се продре до опожарените места, со оглед дека се работи за доста непристапен терен.
„Се работи за исклучително тежок терен, испреплетен со карпи и долови каде има буна вегетација, трња, грмушки, нискостеблесто растение и шума и е многу тешко да се движат луѓе“, појасни Ангелов.Тој додаде дека има помош од 103 припадници на АРМ и 30 припадници на единицата за брзо распоредување на МВР. Се разговара и за дополнителна меѓународна помош.