ПроКредит Банка вчера организираше прослава по повод 20 годишното постоење на македонскиот пазар. Во прекрасниот простор на ПроКредит Академијата на Велешко Езеро со над 850 гости, менаџерскиот тим на Банката беше домаќин на своите клиенти, видни личности од македонската банкарска индустрија, партнери и медиуми, меѓу кои и гувернерката на Народна банка на РСМ Анита Ангеловска-Бежоска и германската амбасадорка во земјава Петра Дрекслер.
Прославата беше одлична можност за потсетување на почетоците. ПроКредит отсекогаш била развојно ориентирана банка, фокусирана на поддршка на мали и средни претпријатија, дигитализација и иновација, како и застапник на одговорно работење и негување вистински вредности. Изминатите 20 години Банката успеа да даде значаен придонес кон развој на локалната економија, поддршка на извозот и креирање на нови работни места.
„Во изминатите 20 години постигнавме исклучителни резултати. ПроКредит банка поддржа над 4.000 македонски компании и денесе еден од главните играчи во македонскиот банкарски сектор, со кредитно портфолио од речиси половина милијарда евра, од кои 90% се кредити за поддршка на бизниси и пазарен удел од 15% во сегментот мали и средни претпријатија. Сето ова ни дозволува да си поставиме амбициозни очекувања и за во иднина.“, истакна пред присутните, претседателот на Надзорниот одбор на ПроКредит Банка, Јованка Јолеска Поповска.
ПроКредит Банка се издвојува на македонскиот пазар како пионер во дигитализацијата на банкарството, почнувајќи од 2015та со отворање на зоните 24/7 преку замената на класичните банкарски филијали и воведување на дигитална платформа за кредитните и административните барања на клиентите, па се до иновација, промоција и поддршка на дигиталната еволуција кај малите и средни компании, кои се нивни најбројни клиенти.
“Горда сум на тимот на посветени и силни професионалци со високи етички вредности, вредни, упорни, со висок степен на одговорност и личен интегритет кои неуморно работеа на поставување на нови, повисоки стандарди во банкарството, висок квалитет на услуги и висока професионалност.
ПроKредит банка 20 години претставува пример за одговорност, но тука не застануваме. Продолжуваме со нашата мисија да обезбедиме одговорни и одржливи финансиски услуги кои придонесуваат за развој на домашната економија, општеството и животната средина, нудејќи иновативни дигитални решенија и промоција на енергетска ефикасност”, заклучи во своето излагање Јолеска Поповска.
Корпоративната прослава по повод 20 години раст и успех е само дел од роденденската кампања на ПроКредит Банка. Под слоганот „Пример за одговорност“, преку лични примери Банката креираше кампања која покажува дека општествената одговорноста не подразбира само донација, туку е систематизиран принцип на работа кој опфаќа низа одговорни практики со кои се инвестира во подобра иднина за сите.