Нема потреба од нова мобилизација, за што постојано зборува рускиот претседател Владимир Путин, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков. Коментирајќи ги наводите на „Фајненшл тајмс“ кој тврди дека до крајот на оваа или на почетокот на следната година може повторно да дојде до мобилизација, Песков изјави дека овој медиум нема реална слика за состојбата на теренот.
– Малку е веројатно дека „Фајненшл тајмс“ ја разбира реалната слика. Можеме само да кажеме дека активно регрутираме волонтери, кои (со Министерството за одбрана на Русија) склучуваат договор и дека тој процес се одвива секој ден. А претседателот постојано повторуваше дека, според армијата, нема таква потреба (за нова мобилизација), изјави кратко портпаролот на Кремљ.
Последен пат Русија најави делумна мобилизација на 21 септември 2022 година. Тогаш во армијата беа повикани 300.000 резервисти. Тоа беа главно оние кои веќе имале одредено воено искуство и кои завршиле воени училишта.
Руска војска/ Фото: МИА
По ова , властите во Москва одлучија да регрутираат нови војници на доброволна основа, односно со потпишување договор со армијата. На крајот на февруари, тогашниот министер за одбрана Сергеј Шојгу објави дека од почетокот на годината 50.000 луѓе стапиле во воена служба со договор. И во текот на минатата година на ист начин беа регрутирани речиси 540.000 војници, што овозможи да се создадат две резервни армии и шест дивизии.