Рускиот претседател Владимир Путин денеска потпиша указ за зголемување на бројот на вооружените сили со што новиот број на вработени ќе изнесува речиси два и пол милиони луѓе, од кои еден и пол милион се воени лица. Дополнително, указот и наложува на Владата да ги одвои парите потребни за спроведување на уредбата.
Претходно, Путин потпиша указ за зголемување на бројот на вооружените сили во декември 2023 година, кога бројот на воениот персонал се зголеми на нешто повеќе од два милиони и 200 илјади луѓе, од кои околу еден милион и 300.000 се војници, пренесува Танјуг. Според заменик-претседателот на Советот за безбедност Дмитриј Медведев, годинава договори со Министерството за одбрана потпишале околу 190.000 граѓани.
На почетокот на овој месец, Путин рече дека бројот на заинтересирани да се приклучат на воениот персонал нагло се зголемил откако украинските сили извршиле упад во рускиот пограничен регион Курск.