“Веднаш по добивањето на пријавата полициски службеници излегоа на терен, преземени се низа оперативно-тактички мерки и дејствија во координација со јавен обвинител од Штипското обвинителство, извршени се разговори со лица кои биле сведоци на случајот во присуство на родители, но и со претставници на училиштето, а по преземени активности беше пронајден и 20-годишникот со кој беше извршен службен разговор во врска со случајот. Од сите реализирани дејствија и прибавени докази не се утврдени основи за постоење на кривично-правен настан“, информираат од МВР.
Од полицијата додаваат дека доказниот материјал ќе биде доставен до ОЈО Штип и Центарот за социјална работа за нивно понатамошно постапување.Наводниот обид за киднапирање беше пријавен на 5 декември од страна на директорката на училиштето Наталија Костова, а потоа и потврден од градоначалникот на Карбинци, Виктор Паунов.
За локалната ТВ Стар тие тогаш изјавија дека „киднаперите“ дошле со црно возило до почетокот на училишниот двор и се обиделе насилно да внесат две деца во возилото, но дека децата се вратиле во школото, а возилото заминало. МВР уште тогаш ги демантираше наводите во дел од медиумите за наводен спречен обид за грабнување во училиштето во Карбинци и соопшти дека машко лице со возило „голф“ поканило ученичка да влезе во неговиот автомобил за да одат на кафе, но таа веднаш се вратила назад во училиштето.