Ивица Апостолов, претседател на Здружението на медицински лаборанти при Клиничкиот центар во Скопје и вработен во ЈЗУ Универзитетски институт за клиничка биохемија Скопје, алармира редовно да се чистат клима уредите, но и сите базени, затоа што може да бидат причина за сериозна бактерија. – Апелирам да си ги исчистите клима уредите по дома и во автомобилите, на хотелиерите да си ги дезинфицираат централните уреди и водените резервоари за топла вода, а на менаџерите на јавните здравствени институции кои имаат стари инсталации, поготово интензивните неги да си ги сервисираат редовно со навремена замена на хепа филтрите и слично, а заменетите филтри да не ги оставаат (фрлаат) на замја веднаш до надворешните единици, вели тој во објава на својот фесјбук профил каде детално појаснува за овој ризик особено во летните месеци кога клима-уредите се пуштени насекаде.
– Од една страна се повеќе се користат разладни уреди и водоснабдителната инфраструктура, разни резервоари за вода, хидранти, уреди за загревање и прочистување на вода, базени, навлажнувачи на воздух, клима уреди во кола, дома, на работа, по кафани, ресторани, молови, инсталациите од централните уреди, купатила, тушеви, џакузи… Од друга страна, имам впечаток дека населението, а и претпријатијата и фирмите за да заштедат пари ја забораваат Легионерската болест (Legionellosis) која претставува воспаление на белите дробови т.е. пневмонијата предизвиканa од атипичната бактерија Legionella pneumophila, појаснува Апостолов.
Легионелите се одговорни за 20% од вкупните пневмонии кај популацијата, што ја вбројува во трите главни предизвикувачи за воспаление на белите дробови. Освен на клима уредите, мора да се внимава и на уредите за прочистување на водата во базените. – При поволни услови за нејзиниот раст и развој, како застој на водата и топлината, легионелата толку многу се размножува што дури и самиот воден аеросол станува извор на инфекција, а во такви услови, оваа бактерија може да преживее и повеќе од една година со тоа што карактеристична е сезонската дистрибуција на легионелата, особено во потоплите месеци од годината и на таквиот тренд укажуваат се поголемиот број на заболени во последните 2 месеци на територијата на Македонија (прочитав некаде дека во Загреб во болница починале три пациенти од 6 заболени како последица на интерхоспитална инфекција мислам од топловодоводна инсталација-резервоар), сподели тој.
На неговиот став, се надовраза и доктор Нико Беќаровски кој вели дека климатизација на здравствени установи е цела наука, која само кај нас се занемарува. И доктор Драган Даниловскиалармира дека има непроценливо високи епидемиолошки ризици за интрахоспитална појава на легионелоза во сите клиники и болници во Македонија.