Авион на американската армија, со кој се претпоставува дека шефот на американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА), Вилијам Барнс, патувал за Босна и Србија, е забележан денеска напладне на меѓународниот аеродром „Адем Јашари“ во Приштина, јави Радио Слободна Европа. (РСЕ). Американската амбасада во Приштина не одговори на прашањето дали Барнс е во посета на Косово, а на истото прашање на РСЕ не одговориле ниту Претседателството на Косово, ниту Министерството за внатрешни работи.
Тимот на РСЕ во четвртокот попладне го фотографира авионот на американската армија паркиран пред ВИП-зоната на аеродромот во Приштина. Се верува дека Бернс со овој авион патувал од Сараево до Белград. Според веб-страницата за следење летови, Флајтрадар (Flightradar), денеска, 22 август, овој авион патувал од Белград за Бугарија, па во Северна Македонија и конечно во Косово. Новинарите на РСЕ забележале и колона како ја напушта ВИП-зоната на аеродромот „Адем Јашари“ кон Приштина. Колоната била придружувана од автомобили на косовската полиција.
Во Босна и Херцеговина, на 20 август, Барнс се сретна со неговите колеги од разузнавачкиот сектор, со членовите на Претседателството на оваа земја и со министерот за надворешни работи на БиХ. Како што изјави за РСЕ претставник на американската влада, кој сакаше да остане анонимен, причината за посетата на шефот на ЦИА на Сараево, меѓу другото, била и поради вознемирувачката сепаратистичка реторика и постапките на прорускиот претседател на ентитетот Република Српска, Милорад Додик и Владата на тој ентитет.
На 21 август Барнс замина за Белград, но оваа посета не беше ниту потврдена ниту демантирана од официјални лица во Србија и САД. Посетата на Барнс на регионот доаѓа во време кога американскиот амбасадор во Косово, Џефри Ховениер изјави дека неговата земја е предизвикана во повеќе аспекти од Владата на Косово, предводена од Албин Курти. САД и другите земји од меѓународната заедница ги критикуваа некои одлуки и дејствија преземени неодамна од Владата на Курти, кои се сметаат за „еднострани“ и „некоординирани“. Стејт департментот на САД побара од Владата на Курти да се врати на „конструктивен и близок ангажман“ со Вашингтон, Европската унија и НАТО, додека Вашингтон исто така бара косовските институции да не го отвораат мостот на реката Ибар.