Русија денеска соопшти дека го одбила обидот на украинската армија да го нападне пограничниот регион Курск, по неколку операции од овој тип за кои група проукраински борци ја презеде одговорноста во последните месеци. Руското Министерство за одбрана денеска одделно објави дека руските сили зазеле уште едно село во источна Украина, продолжувајќи со бавното напредување на фронтот.
Вршителот на должноста гувернер на областа Курск, Алексеј Смирнов денеска преку Телеграм објави дека војниците на украинската армија се обиделе да навлезат во окрузите Судџан и Кореневски и дека припадниците на граничните сили и руската армија ги спречиле да ја преминат границата. Украина не соопшти дека има борби на руско-украинската граница во тој сектор, но гувернерот на украинскиот регион Суми, кој се наоѓа спроти областа Курск, Олексеј Дрозденко, утрината ги повика жителите да останат во засолништа. Од почетокот на руската инвазија на Украина во февруари 2022 година, имаше повеќе упади на украинските сили во Русија.