Дали со оваа донација од Белград се подготвува ова лице, блиско до ВМРО-ДПМНЕ и руските безбедносни служби, повторно да влезе во дејноста со јавен превоз и со помош на ВМРО-ДПМНЕ да го приватизира ЈСП, прашуваат градските власти.
Град Скопје жестоко одговори на изјавите на претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, во врска со донацијата на автобуси „Соларис“ од Белград, нарекувајќи ги неговите изјави „недоветни“ и „нелогични“. Оттаму го обвинија Ѓорѓиевски за ширење невистини и манипулации во јавноста. – Не ни е јасно дали некој го мести да делува недоветно или самиот си верува во лагите кои ги кажува и со кои редовно се бламира пред јавноста.
Ако ја следиме логиката на Орце Ѓорѓиевски, тогаш, сите градоначалници во земјава според него се неспособни да си ја вршат работата, а особено градоначалниците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ каде се обавува јавен превоз – се наведува во реакцијата. Градските власти ја истакнуваат неспособноста на Владата да обезбеди сопствени средства за набавка на нови автобуси, додавајќи дека Град Скопје понудил да ги префрли средствата на Владата за да го реши овој проблем, но до сега немало одговор.
Од Градот го обвинија Ѓорѓиевски дека се води од „партиски интереси“ и истакнаа дека „ЗЕЛС под негово водство е целосно политизирана институција“, поради што многу градоначалници најавиле напуштање. – Дали со оваа донација од Белград ова лице, блиско до ВМРО-ДПМНЕ и до руските безбедносни служби, се подготвува повторно да влезе во дејноста со јавен превоз и со помош на ВМРО-ДПМНЕ да го приватизира ЈСП?
Дали оваа најавена бизнис зделка е причината зошто Советот на Град Скопје раководен од ВМРО-ДПМНЕ системски го уништува ЈСП Скопје, не дозволува набавка на нови автобуси и зошто не се исплаќа владиниот долг од 8 милиони евра кон ЈСП за превозот на студентите? – прашуваат од Град Скопје. Покрај ова, градските власти го повикаа Ѓорѓиевски да одговори на прашањата за реализацијата на проектите од неговата предизборна програма.
– Колку од ветените проекти се реализирани? Дали реализацијата е под 15%, како што се зборува? Наместо празни флоскули, време е за бројки и докази – нагласуваат од Градот. Ѓорѓиевски вчера го оцени како добар потегот на Белград, кој според најавите, ќе отстапи автобуси „Соларис“ на Скопје, но смета дека од друга страна тоа говори за несериозниот пристап на градоначалничката на Скопје и неможноста таа да се справи со предизвиците.