Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден го предупреди Иран да не презема нов напад врз Израел, бидејќи во тој случај нема да можат да го задржат и спречат Тел Авив жестоко да возврати, објави порталот Аксиос, повикувајќи се на свои извори.
Нема да можеме да го задржиме Израел и нема да бидеме сигурни дека следниот израелски одговор ќе биде избалансиран како претходниот, ги пренесува порталот зборовите на американски функционер, кој изјавил дека оваа порака од Вашингтон на Техеран му била пренесена преку посредници од Швајцарија.
Полседниот израелски напад врз Иран на 25 октомври уследи по неколкунеделните консултации со САД за целите на воздушните напади. Веб-страницата Аксиос, повикувајќи се на израелски разузнавачки извори, објави дека Иран се подготвува да изврши жесток напад врз Израел од ирачка територија пред претседателските избори во САД на 5 ноември.
Според овие извори , Техеран може да спроведе операција која вклучува голем број беспилотни летала и балистички ракети, пренесува Тасс. На 1 октомври, Иран изврши масовен ракетен напад врз Израел како одговор на атентатите на клучните фигури во раководството на радикалното палестинско движење Хамас, либанската шиитска организација Хезболах и Иранската револуционерна гарда, а Израел возврати на 25 октомври.