САД му одговори на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху дека целата Газа мора да остане палестинска земја.
Портпаролот на Советот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Кирби, изјави дека Газа мора да остане палестинска земја. Кирби кажа дека САД се противат на намалување на територијата на енклавата откако израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека ќе се случи такво нешто. Нетанјаху вчера му рекол на американскиот државен секретар Ентони Блинкен дека Израел ќе воспостави безбедносна тампон зона „длабоко“ во Газа. Некои медиуми, претходно јавија дека Израел информирал неколку арапски земји дека сака да воспостави тампон зона на палестинската страна од границата по завршувањето на војната.
„Не поддржуваме никакво намалување на географските граници на Газа. Газа мора да остане палестинска земја и не може да биде намалена“, изјави Кирби во обраќање до јавноста.
Израелската армија направи мапа на Газа која е поделена на стотици зони. Се додава дека мапата ќе се користи како помош за евакуација. Хамас тврди дека денеска во Газа загинале 240 Палестинци. Хамас на 7 октомври почна со напади на Израел, а потоа израелските сили почнаа операција во Газа за уништување на палестинската терористичка група.