Во Собранието денеска беше свечено отворена новата Волонтерска програма, во соработка со Фондацијата за демократија на Вестминстер , која опфаќа 20 млади волонтери кои ќе бидат ангажирани во собраниската Служба. Претседателот на Собранието, Африм Гаши, им посака добредојде на студентите – волонтери кои ќе имаат можност да учат и да се вклучат во законодавните постапки.
„Оваа програма е исклучителна можност младите луѓе да учат од практиките на Собранието и во исто време да се даде глас на нивните идеи и страсти. Се надевам дека вашата волја и енергија ќе донесе инспиративни и иновативни идеи во оваа институција“, истакна претседателот на Собранието. Тој рече дека оваа Програма претставува континуитет, со кој новото собраниско раководство ги продолжува успешните проекти, кои значат и зајакнување на капацитетите на собраниската Служба.
Генералната секретарка на Собранието Марина Димовска рече дека ваквите програми се од корист и за Собранието, бидејќи вклучувањето на младите во процесите придонесува за квалитетот, транспарентноста и довербата на граѓаните кон институцијата.„Во минатото програмите за волонтери дадоа одлични резултати и се надевам дека и оваа генерација на волонтери ќе биде исто толку успешна.
Од лично искуство можам да ви кажам колку е значајна можноста која ја добивате за учење и стекнување на нови вештини и способности кои ќе придонесат за ваш личен и професионален развој“, рече Димовска. Петар Трајков од Фондацијата за демократија на Вестминстер рече дека оваа Програма има за цел јакнење на капацитете на институцијата која е стожер на демократијата. На тој начин се создава простор за зголемување на довербата во институциите и се гради партиципативна политичка култура кај младите луѓе.
Ендру Бренд од Британската амбасада рече дека и во Обединтетот Кралство во Парламентот има програми за вклучување на младите. Како што рече тој, ова е можност за волонтерите за стекнување лидерски и аналитички вештини, со цел институциите да бидат поотворени, попристапни и потранспарентни. Поранешната генерална секретарка на Собранието, Цветанка Иванова, истакна дека продолжувањето на овие проекти е во функција на јакнење на процесите во Собранието.
Тоа, како што рече таа, покажува дека Собранието продолжува да работи по патеката трасирана во Стратешкиот план. Презентирајќи ја Волонтерската програма, професорот Марко Кртолица објасни дека таа ќе трае шест месеци и ќе биде фокусирана на практичниот дел. Односно волонтерите кои ќе бидат ангажирани во Службата, еден месец ќе бидат на теоретска обука, а другите пет месеци се за практичниот дел.
10.10.2024