„Не гледај што правам, туку слушај ме што говорам“. Ова е најсоодветниот коментар на вчерашното излагање на Мицкоски по повод Денот на независноста. Протоколарните пораки за обединување, за жал, немаат никаква врска со реалноста која ни ја сервира ВМРО-ДПМНЕ и политиките кои ги практикува во овие два месеци. Всушност, речиси сите 10 точки од наводната платформа се чиста спротивност на намерите и политиките на партијата на власт. Така што оваа платформа треба да се чита спротивно на тоа што е кажана.
Повиците за декриминализација на опозицијата се очаен обид да се покријат сопствените скандали во кои тоне Мицкоски. Освен партиската говорница за сеење лаги и измислени скандали против опозицијата, Мицкоски не успеа да докаже никаква криминализација. Но докажа дека тој ја криминализира, партизира и злоупотребува државата секој ден. Додека Мицкоски вели дека дека морала да се прекине партизацијата во општеството, тој и ВМРО-ДПМНЕ спроведуваат груба партизација на државниот апарат. Се казнуваат и шиканираат сите кои не се подредени зад политиките на ВМРО-ДПМНЕ.
Се омаловажуваат и прераспределуваат вработени, се вработуваат некомпетентни партиски кадри за кои се смее цела држава. Се етикетираат поединци и групи кои различно мислат или бараат нешто што ВМРО-ДПМНЕ не сака да го даде. ВМРО-ДПМНЕ спроведува партизирање на секое општествено ниво, дури за болни теми како што се лични образовни асистенти. Наутро Мицкоски вели дека мора да се стави крај на етничките теми и поларизација, а попладне ВМРО-ДПМНЕ подгрева етнички тензии, креира заговори за дестабилизација, создава слика за меѓуетничка нестабилност.
ВМРО-ДПМНЕ, за жал, не знае да опстои како партија ако главната порака не им е токму етничка тема или конфликт. Всушност етничките теми се основната политика на ВМРО-ДПМНЕ и го замолуваме Мицкоски да не ја навредува интелегенцијата на граѓаните. Мицкоски вели дека сакал да воспостави правна држава, но очигледно таа треба да важи за сите други, освен за него и сопартијците.
Мицкоски и неговите партнери треба да може грубо да ги кршат законите за кои нема одговорност, но да има правна држава. Да се штитат политички сите кои се од интерес на ВМРО-ДПМНЕ од највисоки до најниски функционери па дури и кога ја загрозуваат безбедноста на државата на границите. Но другите сите да одговараат, ова е идејата на Мицкоски за правна држава.
Мицкоски вели дека немало друга алтернатива на ЕУ, додека прави се во спротивна насока од интеграцијата. ВМРО-ДПМНЕ нема никаков интерес да ги продолжи ЕУ преговорите и ова го докажаа за само два месеци. Немаат ниту план, ниту стратегија и единствено што ќе прават е одложување додека можат, префрлање на одговорност кај други и отворање нови конфликти. За жал, со тоа ќе губат само граѓаните. За крај, Мицкоски секако мораше да покаже и конструктивност, па ја повика опозицијата да се приклучи, а не кажа за што.
Шупливите пораки со кои сака да глуми конструктивност се веќе прочитани. ВМРО-ДПМНЕ нема ниту план, ниту конкретен предлог за обединување, тоа единствено им е потребно на говорниците. Националното единство му е напишано во секој говор за да го прикрива семето на поделбите и омразата кое го сее. Во демократско општество, партнерствата и стручноста не се градат преку навреди, дискредитации и етикетирања. Кога некој е нападнат со реторика како „коленичење“, „купена диплома“ или „голтар“, тоа ја подрива самата политичка култура во која треба да владеат аргументите, а не личните навреди.
Етикетите, како овие, не придонесуваат за развој, туку го разградуваат општеството, создавајќи поделби наместо единство.Социјалдемократскиот сојуз на Македонија е државничка партија, не е и нема да биде деструктивна опозиција како што беше ВМРО-ДПМНЕ. Ние нема да блокираме мерки и закони во Собранието ако се добри за граѓаните, нема да го блокираме европскиот пат на државата, нема да подгреваме меѓуетнички тензии и поделби. Време е ВМРО-ДПМНЕ да созрее и го прифати овој начин на водење политика, па тогаш ќе имаме можност за национално единство и политички консензус.
Но, за тоа е потребно лидерство, одговорност и подготвеност да се стави националниот интерес над партискиот. СДСМ докажа дека тоа може да го направи, но ВМРО-ДПМНЕ тоа допрва треба да го научи. Градење на државно единство за најважните области и клучни прашања е нормално за демократските земји, но тоа е возможно само доколку искрено се пристапува, без било какви калкулации и само ако политичките партии го стават интересот на државата и граѓаните на прво место.Власта мора да даде конкретен пример со дела и да биде подготвена да прифати проширување на областите за разговор.
Да разговараме и за утврдување принципи за подобрување на состојбите во здравството, за положбата на работниците, за младите.Национален консензус за главните прашања сметаме дека е потребен. И во минатото СДСМ повеќепати ја повикуваше тогашната опозицијата за најважните прашања да застанеме заедно. СДСМ е и ќе остане силен критичар на власта и силно ќе се спротивставува на погрешните политики. СДСМ останува поддржувач на процесите за европската иднина на земјата, на решенијата за подобар живот на граѓаните, за силна економија, социјална правда, рамноправност, право и правна држава.