Освен сертификатот за англиски јазик на директорот на АНБ, Бојан Христовски, за којшто медиуми и во Македонија и во Бугарија покажаа дека е фалсификат, Обвинителството треба да го истражи и стажот. Документи доставени од свиркачи до СДСМ покажуваат сериозни пропусти. Според изводите од Агенцијата за вработување и Фондот за здравствено осигурување, може да се оспори еден од клучните услови кој што е потребен а тоа е стаж од 5 години на раководна функција. Многу лесно може да се утврди дека го нема, соопштуваат од опозициската СДСМ.
„Значи Христовски свесно употребил фалсификуван документ за да ја добие оваа позиција, што претставува кривично дело. Очигледно и свесно навел само години без прецизни датуми за неговиот стаж на раководни позиции. Затоа обвинителството треба да го истражи и овој аспект. Во контекст на овој скандал со партизација на АНБ, јавноста веќе е запознаена дека две директорки се казнети за лажни сертификати од истото место – компанијата Јулија ЦО ЛТД, од каде што е и сертификатот на Христовски“ велат од СДСМ. Потенцираат дека „Ова се сериозни законски и етички прекршувања кои бараат итна реакција од надлежните институции“.
„СДСМ повикува Министерството за внатрешни работи веднаш да покрене кривична пријава против Христовски, а Јавното обвинителство да го расчисти случајот во најкраток можен рок. СДСМ ќе продолжи да инсистира на законитост и одговорност, за да ги зачуваме професионалците и функционалноста на безбедносните структури на државата“ е партискиот став.