Премиерот Христијан Мицкоски вели дека е потребно време за да се појави нова опција економијата на земјава целосно да не зависи од случувањата во Германија. Она што сега се случува на економско поле во Германија ние нема веднаш да го почувствуваме. Сепак, можно е во вториот квартал идната година да имаме негативни ефекти, но од тоа нема да има негативни ефекти само кај нас, туку во целиот свет, а посебно во Европа, оцени денеска премиерот Христијан Мицкоски.
– Нашата цел е да дадеме еден драјвер на економијата преку инвестиции, реализација на капитални инвестиции и вложувања од страна на компаниите во сопствени основни средства за работа. На тој начин очекуваме да се зголеми продуктивноста, а со зголемување на продуктивноста да се обидеме и да го зголемиме приходот и да ги подобриме перформансите на економијата.
Затоа ние многу внимателно пристапуваме и затоа многу внимателно планираме да ги трошиме средствата коишто ги заработуваме и во централниот буџет, но и ги позајмуваме. И тоа треба да бидат трошења само во насока на вложување во инвестиции, не во јавна потрошувачка, туку во инвестиции – изјави Мицкоски пред почетокот на конференцијата на „Блумберг Адрија“ на тема „Економски потенцијал и развојни можности за Македонија“.
Тој нагласи дека не може еден систем кој е граден со децении да се промени преку ноќ и посочи дека е потребно време за да се појави нова опција економијата на земјава целосно да не зависи од случувањата во Германија. – Доколку очекуваме ние веднаш од една опција која што сме ја имале да имаме наеднаш 10, 20, 50 опции тоа е невозможно, бидејќи немаме толку голем број природни ресурси на располагање, немаме нафта, немаме гас, не сме држава на море.
За да се случи тоа потребно е да ги реализираме стратешките цели на државата. Бидејќи сме земја која не излегува на море овој недостаток треба да го претвориме во предност, а тоа е да станеме раскрсница на транспортниот, железничкиот и енергетскиот коридор во овој дел од Европа. Тоа е она што како држава треба да ни даде геостратешка предност за да можеме да бидеме во радарот на големите инвеститори од големите земји – рече Мицкоски.
Тој потенцира дека тоа е можно бидејќи земјава е природна раскрсница на два многу значајни европски коридора, коридорите 8 и 10д. Германија е најголем трговски партнер на земјава и најголемиот дел од случувањата во тамошната економија директно се одразуваат на голем дел секторите во земјава. Посебно одразот ќе се почувствува во текстилната и во автомобилската индустрија.