Берзанските билтени секогаш се интересни за домашната инвеститорска јавност. Она што се случувало на Берзата, практично говори за крвотокот на домашната економија и кај најмоќниот бизнис во државата.
А едни од најинтригантните податоци секогаш се оние за тоа колку вределе најголемите фирми во земјава според пазарната капитализација, што значи колку пари би се зеле за соодветната компанија или банка доколку сите нејзини акции се продадат во ист ден.Интересно е што овдешната бизнис јавност се „пали“ на таквите бројки само кога звучно ќе ги објават некои странски медиуми, но не и кога ќе бидат презентирани од домашни релевантни извори.
Колку вределе во јануари домашните компании и банки мерено според пазарната капитализација?
Еве што покажува берзанскиот билтен.Домашната најголема банка според активата, Комерцијална банка, во јануари имала пазарна капитализација од над 28 милијарди денари, или изразено во заедничката европска валута – 459 милиони евра. Односно, близу половина милијарда евра би се добиле доколку во само еден ден се продадат акциите на нашата најголема домашно поседувана банка.
Втор според пазарната капитализација е моќниот фармацевтски гигант „Алкалоид“, чија пазарна капитализација во јануари била повисока од 25 милијарди денари или 412 милиони евра.
На трето место се најде уште една домашна банка, односно Стопанска банка Скопје, со пазарна капитализација во јануари од близу 23 милијарди денари, или прецизно 372 милиони евра. Толку пари би се инкасирале за нашата најстара банка која е во сопственост на грчки капитал, под претпставка доколку сите нејзини акции се продадат во исти ден.
И, четвртата позиција е резервирана исто така за банка, а тоа е НЛБ Банка, чија пазарна капитализација е над 22 милијарди денари, или 361 милиони евра.
Домашниот нафтен дистрибутер „Макпетрол“, пак, е на петто место, со пазарна капитализација од над 124 милиони евра, а шести е „Гранит“, чија пазарна капитализација изнесува 62 милиони евра.
Следува УНИ Банка со пазарна капитализација од 42 милиони евра, „Реплек“ има пазарна капитализација од 40 милиони ева, додека, пак, „Македонијатурист“ е на ниво од 33 милиони евра пазарна капитализација. Уште една банка, Стопанска банка Битола, на крајот на јануари имала пазарна капитализација од 15 и пол милиони евра.
Кога станува збор за тоа кои акции најмногу пораснале а кои паднале, може да се забележи дека во јануари најголем раст има акцијата на УН Банка, и тоа за близу 19 отсто, додека пак акцијата на НЛБ Банка во првиот месец од годината доживеала зголемување од близу 9 проценти, со што се најде на втората позиција на „добитници“.
Намалување, пак, има кај акциите на ЦКБ Банка и Либерт Скопје.