Министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочовска најави дека се подготвува Буџетот за идната година, но не сакаше да открие други детали. Таа е задоволна од сработеното во изминатите 100 дена имајќи предвид во каква состојба го презеле Буџетот. Според неа, обезбедено е финансирање за сервисирање на сите обврски до крајот на годината и постепено стаблизирање на јавните финансии.
На денешната прес-конференција Димитриеска Кочовска посочи дека пензиите се зголемени и обезбедени се средства за нивна редовна исплата до крајот на годината, до ребалансот дополнета е ставката за исплата на плати со 4,2 милијарди денари, исплатени се заостаантите плати во Национални шуми и Водостопанство, обезбедени се средства за студентски оброк, за здравствена заштита…
Во првите 100 дена, според министерката за финансии, обезбедени се и поволни средства за финансирање на проекти за општините и за бизнис секторот преку билатералниот заем со Унгарија. Во делот на сртатешките документи, усвоена е Фискалната стратегија и Стратегијата за управување со јавен долг, а Предлог-буџетот за 2025 година е во завршна фаза. Донесени се и Законот за спречување перење пари, Законот за финансирање на ЕЛС, Законот за експропријација, како и Законот за буџети и повеќе подзаконски акти кои се во фаза на подоготовка или во завршна фаза.
– Како министер и ресорот што го водам покажуваме одговорен пристап во планирањето на буџетските средства, но особено внимание посветуваме на нивната реализација. Парите прибрани од даночните обврзници, од нашите граѓани треба да бидат искористени онаму кадешто ќе дадат најдобар ефект и најважно е нивното трошење да биде согласно законските прописи – истакна министерката за финансии на прес-конференција во Владата.