Системите за вентилација или системи за отчадување можат да помогнат и да спасат животи во случај на избивање на пожари. Угостителите треба да посветет внимание на овој дел, по трагедијата која на 16 март годинава се случи во Кочани, каде во дискотека загинаа 62 луѓе, а околу 200 беа повредени. Зоран Кочоски од Противпожарниот сојуз на Македонија објаснува на кој начин системите за отчадување делуваат при појава на пожар.
„Системите за отчадување или вентилација го земаат моноксидот кој се појавува при согорувањето во просторот и оставаат чист воздух да влезе, но треба да има доток на воздух. Ако е херметички затворен просторот, донекаде ќе врши работа, но лицата ќе останат без кислород. Во светот стандардите се многу јасни. Треба да има и систем со кој се активираат прскачи на вода. И тоа е активна метода за заштита од пожар, со тоа што сите хотели се принудени да ги имаат, во големи објекти, во секој јавен објект, во трговските центри ги имаат. Тоа помага, е сега што е проблемот? Тоа што не секогаш водата е средство со кое се гаси пожарот, треба да се исклучи струјата. Водата е еден од најголемите преносители на струјата. Кај што има горлив мебел, таму се добри тие системи со прскалки. Отчадувањето е една од формите на активна заштита. Причината за пожарот е битна да се констатира, некои пожари можат да настанат во просторот каде може да се превенира со самоактивирачки средства за гасење, но таблите за струја ако се запалат, не можете да гасите со вода. На 14 мај ќе правиме презентација, ќе ги објасниме тие средства. Детекторите за чад се ставаат на плафон, се активираат, и некогаш тоа може да биде со задоцнување, но се добредојдени. Потребна е поголема одговорност на граѓанството за опасностите и спремноста да се гаси во првите моменти. Ако се запали, на почетокот секој пожар се гаси со чаша вода, а потоа можат да го гаснат само професионалци“, рече Кочоски.
После пожарот во Кочани, имаше и граѓани кои ги нудеа на продажба своите користени ПП апарати. Кочоски објаснува дека за ПП апаратите е важно дали се сервисирани, дали се доволно наполнети со прашок. Овие апарати на две години треба да бидат сервисирани. Пожарот во Кочани е една од најголемите трагедии кои се случиле во независна Македонија.
Сања Атанасовска