Разговорот со бугарскиот претседател Руман Радев беше долг, пријателски, со почит и јас ни за миг не ги заборавив македонските национални интереси, со тоа што знам дека и тој има право да ги презентира истите. Мислам дека успеав на пристоен, културен, претседателски и државнички начин да му кажам што е нашата позиција и што очекувам, потенцира претседателката Гордана Сиљановска Давкова, во интервју за Сител. Во врска со отсуството на државното знаме за време на средбата со Радев во Софија, рече дека одлучила оти е подобро да не прави скандал.
-Јас ги знам протоколарните правила на Бугарија, ги знам и на многу други држави. Знам дека домаќинот го утврдува протоколот, знам дека имало примери кога доаѓале и други државници, меѓутоа не биле истакнати државните симболи. Но, она што мене ме зачуди и не мислам дека беше сторено намерно, е зошто не бев информирана за тоа. Последниот договор бил дека ќе има слика од тет-а-тет средбата, се разбира од ручекот нема да има слика, но јас не знаев дека ќе треба да се сликам и во просторот каде што се одржуваат фото сесиите. Кога тргнавме, мислевме дека ќе одиме во просторија за разговор. Одеднаш, кога влегов во просторијата, ги видов двете знамиња и требаше да размислам што да направам. Едната мисла беше дека можам да си заминам и ќе направев скандал, а другата беше дека домаќинот ги утврдил правилата и дека домаќинот греши, а не јас. Во тој момент решив дека е подобро сепак да не правам скандал, рече Сиљановска Давкова.
Таа потенцираше дека со Радев имале пријатен ручек, со споменување на проекти, идеи. Тоа, како што рече, бил пријателски разговор, полн со решенија и идеи. Сиљановска Давкова е на ставот дека нема зошто да има одговорност на шефот на протоколот во нејзиниот Кабинет.
-Нема зошто да има одговорност на шефот на протоколот, бидејќи цело утро и амбасадорката и шефот на мојот протокол бараа контакт по телефон со шефот на протоколот на Радев, но тоа не беше можно. Дури ни кога влеговме, ниту на шефот на мојот протокол ниту на амбасадорката не им беше предочено дека според протоколарните правила за овој вид на посета, нема потреба од истакнување на знамето на гостинката, рече Сиљановска Давкова.