За да се избегнат критиките од опозицијата дека пратениците ќе немаат време да ја разгледаат владината програма и биографиите на министрите, одлучено е предлогот за нова влада да го достават до Собранието во вторник. Со ова, ќе се избегне и симболиката изборот на новата влада на Мицкоски да се врзува со Задушница.
Претстојниов викенд, пак, листите со предлозите за првиот владин ешалон треба да бидат одобрени од партиските тела на ВМРО-ДПМНЕ и на ЗНАМ. Мандатарот деновиве има одделни средби со потенцијалните министри од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата и, како што тој веќе информираше, в недела списокот со имиња ќе треба да помине во Централниот и во Извршниот одбор на партијата.
Мицкоски на одделните средби ќе треба да пресече дали со ресорите одбрана и транспорт ќе раководат потпретседателите на партијата Александар Николоски и Владо Мисајловски, но можно е за Николоски да се спрема и вицепремиерска позиција.За Министерство на внатрешни работи е планиран актуелниот министер Панче Тошковски, иако неофицијално тој лично типувал на позицијата генерален секретар на влада. Со ресорот финансии ќе раководи Гордана Димитриевска-Кочовска, а со Министерство за надворешни работи – Тимчо Муцунски.
Ресорот образование ќе го води Весна Јаневска, новото Министерство за спорт – Борко Ристовски, култура и туризам – Зоран Љутков, Стефан Андоновски ќе биде надлежен за дигитализацијата, а за земјоделие можно е да биде Цветан Трипуновски (ако тој ресор не замине кај социјалистите), додека за енергетика – Тања Божиновска. За коалициските партнери на ВМРО-ДПМНЕ, односно за една од партиите на Србите, е резервиран ресорот односи меѓу заедниците, и за Ромите – без ресор.
Од друга страна, движењето ЗНАМ на Максим Димитриевски сè уште не доставило до мандатарот предлози за министри за администрација и за правда. Од ЗНАМ велат дека најдоцна до сабота, откако предлозите за министри ќе поминат во партиските тела, ќе бидат соопштени. Освен две министерски позиции во владата на Мицкоски, ЗНАМ ќе им и две заменик-министерски места.
Спремна за влез во владата е коалицијата Вреди, чии предлози за министри веќе ги поминаа партиските филтри и ѝ се познати на јавноста. Вреди во кабинетот на Мицкоски ќе раководи со ресорите екологија, здравство, социјална политика, евроинтеграции, економија и вицепремиерското за добро владеење.
Собранието утре треба да избере тројца потпретседатели, како и кадровските решенија за собраниските комисии, откако денеска поминаа одлуките Гаши да има тројца потпретседатели, и тоа од ВМРО-ДПМНЕ, од ЗНАМ и од опозициската СДСМ.Потпретседатели на Собранието ќе бидат Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, Весна Бендевска од ЗНАМ и експретседателот на Собранието Јован Митрески од СДСМ.
Во Собранието помина и одлуката за формирање постојани работни тела. Во предлогот за основање 21 комисија не е и таа за следење на правичната застапеност во институциите, која ја договорија ВМРО-ДПМНЕ и опозицискиот Европски фронт, а која беше услов опозициските пратеници да гласаат за законот за реорганизација на министерствата. Од власта брифираат дека ад хок комисијата ќе биде формирана по изборот на новата влада.По донесувањето на законот за реорганизација на владата и дел од постојаните комисии во Собранието добија имиња според новите ресори.Преземено од Слободен печат