На 79 години почина Снежана Стамеска, една од најзначајните актерки на македонскиот театар, соопшти нејзината долгогодишна матична куќа Драмски театар од Скопје.
Зад неа остана плодната актерска кариера и бројни улоги и награди. Јавноста ќе ја памти како Пандора во „Солунски патрдии“ (1979), Вера во „Диво месо“ (1979), Сина во телевизиската серија „Трст виа Скопје“ (1987), Вера во „Среќна Нова ’49“(1985), и Паца во „Викенд на мртовци“ (1985), но и по многуте улоги во претстави.
Во постари интервјуа, во неколку наврати кажуваше дека се води според американската поговорка, дека реализиран човек е оној кој родил дете, направил куќа и засадил дрво. За неа тоа значело да си го остварување на животниот пат.
-Јас го остварив мојот животен пат. Имам деца, куќа направив во Леуново, дрва посадив… Живеев и живеам како што сакам, го работев она кое го сакам и гордо се справував со себе си. Имам многу љубов во себе. Кон се што ме опркружува, кон другите, кон животот…
Без страст кон самиот живот, без храброст во живеењето, без солидарност и отворени очи за судбината на другите, нема ништо!
Животот ќе го поминете како животец, раскажа таа во интервју за Теа Модерна пред 14 години.
Посмртните останки на актерката ќе бидат изложени утре од 10 часот во капелата на гробиштата Бутел, по што ќе биде погребот. Од Драмски театар дополнително ќе ја објават информацијата за денот на одржување на комеморацијата.