Проектот „Лабораторија од минатото за иднината: Приказни за Летната школа за архитектура во манастирот Свети Јоаким Осоговски, 1992 – 2017“ е единствениот доставен проект на објавениот Конкурс за финансирање проект од национален интерес во културата од областа на меѓународната дејност за учество на Република Македонија на 18. Интернационална изложба на архитектурата во Венеција во 2023 година.
Според образложението на Комисијата, станува збор за проект кој е професионално конципиран и аргументиран со лесно читлива архитектонска порака и ги одразува квалитативните параметри дадени во Конкурсот. Реализацијата на проектот, пак, нуди можност за интеракција и можност посетителот одблизу да го осознае проектот, а во исто време да е дел од него.
Проектот кореспондира со зададената тема на Биеналето, доловувајќи една симболична претстава на стилизираната реконструкција на чардакот на манастирот „Св. Јоаким Осоговски“, како асоцијација за работилницата, односно лабораторија во која преку минатото ќе може да се создава иднината.