Обраќање на претседателот Џафери на Состанокот на високо ниво на претседатели на парламенти на земји членки на НАТО на тема:
„Глобални предизвици, глобални партнери, глобален НАТО“
Почитувана претседателке Чмилите Нилсен,
Почитувана претседателка на Парламентарното собрание на НАТО, Герио Мејлам,
Почитувани колеги,
Ми претставува особена чест што имам можност да се обратам денес пред Вас, на тема која е од исклучително значење за актуелните активности на Алијансата, но исто така и за нејзината иднина. Одржувањето на овој состанок во ваков формат, за прв пат во историјата на НАТО, сам по себе ја означува симболиката и неопходноста за размена на мислења околу нашето идно делување како сојузници на сите нивоа на власт, но и за нашето колективно делување на глобално ниво.
Почитувани,
Мултилатерализмот претставува темелник врз кој се заснова современиот меѓународен правен поредок и инструмент кој ги обединува земјите во почитувањето на демократските вредности, истовремено обезбедувајќи еднакво третирање на индивидуалните земји во нивните права и обврски во овие меѓународни организации. Во тие рамки, НАТО како регионална мултилатерална организација, од нејзиното основање до денес, е силен застапник за блиска соработка со останатите меѓународни организации кои имаат глобално, или географски утврдено делување. Нејзиниот придонес во обезбедување на заштита за Западна Европа, проширувањето кон Исток, кон регионот на Западен Балкан и актуелно кон северниот дел на Европа, спроведувањето мировни мисии и асистенции во повеќе земји низ светот, го претворија НАТО во глобален партнер и извозник на мир и стабилност во светот.
Мојата земја, Република Северна Македонија, е пример на земја која беше увозник, а денес е извозник на мир, активен партнер и контрибутор на Алијансата. Преку остварување на оваа наша стратешка цел, која е мнозинска определба на сите наши граѓани, ние успеавме да ја заштитиме независноста, територијалниот интегритет, неповредливоста на меѓународно признатите граници на државата, но и да промовираме добрососедска политика и стабилност во поширокиот регион. Нашите заложби за придонес кон глобалниот мир и безбедност претставуваат водилка за нашите институции, за нивна континуирана подготовка на капацитети и способности за учество во меѓународните мисии и операции на НАТО, но и на Европската унија и Организацијата на Обединетите Нации.
Воспоставениот систем на функционирање на НАТО, до скоро ни овозможуваше соодветно да реагираме во спречувањето и разрешувањето на конфликти и во справувањето со растечките предизвици, кои сè повеќе се со непостојана и еволутивна природа, облик и комплексност. Новите глобални безбедносни и геополитички трендови во себе носат закани по безбедноста на државите, за кои е потребно градење на соодветни механизми за одговор и посеопфатно делување од страна на сите чинители. Промените во безбедносната средина не дозволуваат заканите да се поимаат издвоено, како претходно, туку бараат осовременување на капацитетите и подготвеност за одлучно делување. Тука особено би ги издвоил растечките влијанија на трети земји, миграциските текови и климатските промени, пандемиите, хибридните закани, лажните вести и дезинформации, фрагилноста на системите за снабдување, зависноста од стратешки значајни ресурси и вештачката интелигенција.
Драги колеги,
Денес, за жал сме сведоци на различни поимања на примената и функционирањето на мултилатерализмот, како и на воведувањето на нови модели на наводна алтернативна демократија. Таквите системи на уредување си обезбедуваат внатрешни правни гаранции за неограничено владеење, за оправдано демонизирање на политичките опоненти, негирање и криминализирање на слободата на говорот. Она што уште повеќе загрижува, е нивниот тренд за извоз на ре-моделирана демократија надвор од нивните граници и придобивање на други држави во ново креираниот поредок. Меѓу инструментите кои ги користат за оспорување на глобалниот демократски политички пејзаж се хибридните закани, лажните вести и дезинформации кои директно влијаат на безбедноста на нашите општества, а сето тоа без употреба на војска или воено оружје. Нивното таргетирано влијание преку идеолошка војна ja погодува нашата демократска отпорност, ја намалува довербата на граѓаните во демократски избраните влади и парламенти и перцепцијата на граѓаните дека институциите имаат капацитет да се справат со овие појави. Нашиот регион на Западен Балкан е жив сведок на овие активности, особено во последната деценија.
Прашањето кое тука се поставува е дали НАТО се менува и дали ние како земји членки и како парламенти придонесуваме во таа промена и адаптација за иднината? Лично сум убеден дека досега успешно се носиме со проблемите и дека во историјата на Алијансата, никогаш не сме биле по обединети за нејзиното опстојување и промоцијата на нејзините вредности и можности на светската политичка и безбедносна сцена.
Во овој комплексен мулти-поларен свет, кој ја предизвикува глобализацијата и мултилатерализмот, како држави и политичари мораме да делуваме брзо и да ја спречиме ваквата фрагментација, бидејќи истиот претставува сериозна закана за целиот свет. Немаме друга алтернатива освен да продолжиме да се бориме за опстојување на системот на владеење на правото, над системот на владеење на силата и менувањето на границите со употреба на сила. Нашата битка мора одлучно да продолжи преку зајакнување на постојните партнерства и потрага по нови, креативни партнерства и сојузи со држави и организации кои сè уште веруваат во свет заснован на демократски и либерални вредности, нивна заштита, долгорочна одржливост и резистентност кон овие негативни процеси. На нас како претставници на народот, ни останува да продолжиме да ги промовираме вербата и исправноста на мултилатерализмот, како единствен механизам кој овозможува мир и просперитет во светот.
На крај, би сакал да им честитам на домаќините за успешно организираната Конференција.
Ви благодарам на вниманието!