Доказите кои Основното јавно обвинителство Скопје ги прибавило и анализирало во досегашната предистражната постапка за случајот „Онкологија“ не упатуваат на директна злоупотреба на пациентите, во смисла дека им биле кратени лекови и терапии. Ова во интервју за емисијата „Код“ емитувано синоќа на ТВ Телма (11.2.2024 г) го кажа и појасни обвинителката на скопското Основно јавно обвинителство, Ана Гоговска- Јакимовска која го води случајот.
Обвинителката во интервјуто, го појасни она што можеше да се извлече како заклучок по брифингот со новинарите што таа и шефот на ОЈО Скопје, Гаврил Бубевски го одржаа на 31 јануари, а на кој информираа дека случајот оди во понапредна фаза, односно дека е издадена наредба за отворање на истражна постапка.Имено, од кажаното тогаш, а и како што изјави обвинителката во разговорот за „Код“, доказите на обвинителството не одат во насока на наводите и тврдењата кои ги објавија дел од медиумите кои ги истражуваа злоупотребите на Онкологија, дека на пациенти им било кратено од терапијата, а на дел од нив им бил даван и физиолошки раствор наместо лек.
Напротив, доказите на Обвинителството водат кон спротивното. Дека на пацинетите не им била ускратувана терапијата, туку им бил натпишуван вишок од тоа што требало да го примаат. Поедноставно кажано, ако некој пацинет требало да прими една доза, му биле пропишувани две или повеќе. Во еден случај, на пациент му биле пропишани и осум терапии повеќе од потребните. Скапи терапии биле давани на пациенти и еден ден пред да починат.
Во случајот осомничени се двајца порашени директори на Клиниката за радиотерапија и онкологија – медицинскиот, Нино Васев и организацискиот, Нехат Нухи, како и тројца доктори онколози. Основаните сомневања за ги товари Обвинителството се однесуваат на два моменти – дека во нетранспарентни постапки, без објавување јавни огласи, за време на нивното директорување биле набавувани лекови на реверс, без тендер и без дозвола на Фондот за здравствено осигурување. На овој начин се создавал вишок на лекови и терапии. Вториот е, овој, дека биле пропишувани повеќе лекови, односно била раздолжувана вишок терапија од тоа што требало да го примаат пациентите. Каде одел тој вишок, истрагата допрва ќе треба да утврдува. Ваквата пракса, за која обвинителството досега собрало докази и материјали траела од 2019 до 2022 година.
„По однос на пациентите досега од доказите не произлезе дека имаме директна злоупотреба на пациентите и во оваа насока би сакaла да истакна дека дел од новинарските истражувања врз основа на кои беше спроведена темелна проверка на Клиниката за онкологија ни беа од особена важност за текот на постапката, но дел од тие новинарски истражувања, насоки не се потврдија во текот на предистражната постапка“, вели Гоговска-Јакимовска во интервјуто.Еден дел од сведоците кои давале изјави во медиумите, подоцна во јавното обвинителство на записник, како што кажа обвинителката, дале сосема спротивна верзија на настаните.