Претседателот на Собранието, г. Африм Гаши, денеска оствари средба со господинот Бин Хамад Ал – Тани, вршител на работите на Државата Катар. Господинот Гаши изрази големо задоволство од средбата и истакна дека очекува пријателството и соработката што постојат меѓу двете земји во иднина уште повеќе да се зајакнуваат и унапредуваат. Собранието на Република Северна Македонија вложува многу во унапредувањето на меѓународната соработка, и тоа не само со земјите од регионот, туку и пошироко.
Тој информираше дека Собранието има формирано Група за соработка со парламентите на земјите од Блискиот Исток и Арапскиот залив. Иако Собранието на Државата Катар има консултативна улога, претседателот Гаши истакна дека многу е важно како држави да градиме соработка и да имаме собраниска комуникација која се очекува во иднина да се интензивира.
Господинот Бин Хамад Ал – Тани истакна дека постои голем интерес за инвестирање на Државата Катар во Република Северна Македонија особено во секторот на туризмот. Изрази очекување соработката меѓу двете држави повторно да се обнови за да можат бизнис заедниците на двете земји поуспешно да соработуваат.
Двајцата соговорници се согласија дека во иднина акцентот на билатералните односи меѓу двете држави треба да биде ставен на унапредување на економската соработка, особено на привлекување на катарски директни инвестиции и во таа насока особено ќе помогне обновувањето на директната авио линија на релација Доха-Скопје-Доха.