Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши оствари средба со нерезидентната амбасадорка на Кралството Норвешка, Кристин Мелсом.Претседателот Гаши изрази задоволство од средбата со претставник на држава со која негуваме блиско партнерство, истакнувајќи дека одличните политички односи и пријателство се трајно зајакнати преку нашето сојузништво во НАТО. Подвлече и дека во време кога Континентот се соочува со големи предизвици нашите две држави ќе продолжат да ги бранат демократските вредности, толеранцијата и владеењето на правото, активно придонесувајќи кон стабилноста и безбедноста во регионот, во Европа и во светот.
Амбасадорката Мелсом искажа интерес за планираните активности на Собранието во периодот кој што следи, како и за можностите за унапредување на парламентарната соработка на сите нивоа со тековниот состав на Собранието. Амбасадорката ги нагласи чекорите кои Република Северна Македонија ги презема во насока на приближување кон Европската Унија, а Кралството Норвешка ќе продолжи со принципиелната поддршка на евроинтегративниот пат на нашата држава. Во однос на соработката во рамки на Алијансата Амбасадорката се осврна на мисиите во кои заеднички учествуваат двете држави и успешната соработка во рамки на програмите за унапредување на улогата и позицијата на НАТО.
Соговорниците ја нагласија значајната улога на нашите државјани кои живеат и работат во Норвешка и претставуваат значаен мост за поврзување и соработка меѓу двете држави. Подвлекоа и дека потребно е зголемување и проширување на економската соработка меѓу двете држави, со фокус на привлекување на поголеми Норвешки компании да инвестираат во Република Северна Македонија и преку неа во Регионот.