Претседателот на Собранието Африм Гаши оствари средба со претседателот на Меѓународниот одбор на ревизори за НАТО (ИБАН), Радек Висингер, кој е во посета на Скопје. Соговорниците разменија мислења околу позционираноста и придонесот на Република Северна Македонија во рамки на НАТО, како релативно нова членка. Притоа, претседателот Гаши изрази задоволство од можноста да се дискутира за опциите за унапредување на соработката и на процесите во земјава, во областа што ја покрива на ИБАН.
Висингер информираше за структурата и надлежностите на ИБАН, како независно тело за ревизија на НАТО, со мандат да обезбеди поголема сигурност за Алијансата и за владите на земјите-членки, за правилна искористеност на заедничките средства. Цел на ревизијата се перформансите на НАТО, за да се оцени економичноста, ефикасноста и ефективноста на активностите, операциите и програмите.
За таа цел, како што рече Висингер, ИБАН остварува соработка со врховните ревизорски институции на сите земји членки. На средбата присуствуваше и главниот државен ревизор Максим Ацевски, кој информираше за досегашната добра соработка меѓу Државниот завод за ревизија и ИБАН, како и за можностите за понатамошна размена на искуства меѓу двете институции.