Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, оствари средба со претседателот на Албанија, Бајрам Бегај, кој престојува во Скопје, во рамки на Самитот на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ).На средбата, соговорниците посебно се осврнаа на соработката меѓу двете земји, при што се согласија дека Северна Македонија и Албанија негуваат одлични меѓусоседски односи и искрено пријателство, иако, како што забележаа, секогаш има простор за уште поинтензивна комуникација на билатерален, но и на регионален план, како и во процесот на интеграција во Европската Унија.
Нашите две земји секогаш имале заеднички цели кон кои одиме заедно, рече претседателот на Собранието на РСМ, посочувајќи дека Северна Македонија пред повеќе години се соочи со пречка на патот кон НАТО, каде што, сепак, сега е полноправна членка. Во тој контекст, претседателот Гаши изрази надеж дека овој пат Северна Македонија и Албанија ќе продолжат заедно да напредуваат на патот кон ЕУ и дека во ист ден ќе станат полноправни членки.
Претседателот на Албанија истакна дека реформите што ги преземаат двете земји во однос на евроинтеграцијата не се само за остварување на критериумите на ЕУ, туку пред се за развој на земјите и за постигнување бенефити за граѓаните.
Како носители на јавни функции, рече Бегај, треба да бидеме фокусирани на сегашноста и на создавање подобра иднина, со цел на новите генерации да им оставиме развиен и просперитетен регион.Соговорниците се осврнаа и на претстојната 11. Пленарна сесија на Парламентарното собрание на ПСЈИЕ, што ќе се одржи од 18 до 20 јуни во Собранието на РСМ, по што Албанија треба да го преземе од Северна Македонија едногодишното претседавање со овој процес.
Тоа е уште еден знак за нашата посветеност за продлабочување на регионалната соработка, рече Гаши, изразувајќи задоволство што на крајот на оваа пленарна сесија ќе го предаде претседавањето со ПС на ПСЈИЕ на Делегацијата на Парламентот на Албанија.
Во насока на понатамошно продлабочување на соработката меѓу Северна Македонија и Албанија, како и меѓу сите земји од регионот, претседателот Гаши истакна дека приоритет треба да бидат и инфраструктурните проекти. На тој начин, како што рече Гаши, ќе се обезбеди подобро поврзување меѓу државите и граѓаните, како предуслов и за економско унапредување на регионот во целина. Мора да продолжи изградбата на патиштата, енергетското и железничкото поврзување во рамки на Коридорот 8, со цел поголема размена на луѓе, стоки и услуги, за што постои огромен потенцијал, рече претседателот Гаши.