Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери,
денеска се сретна со новоименуваниот амбасадор на Унгарија, Н.Е. Андраш Клајн и на самиот
почеток упати честитки до амбасадорот за именувањето и му посака успешна работа и
пријатен престој во земјава.Претседателот Џафери ги истакна одличните односи помеѓу нашата земја и Унгарија,како на билатерален план така и на мултилатерален во рамките на НАТО Сојузот и
Европската Унија, а особено ја потенцираше поддршката на Унгарија за нашиот интеграциски
процес во ЕУ со редовно организирање на Конференцијата на претседатели на парламенти на
Западен Балкан секои две години во Будимпешта. Нашата земја сега е во фазата на скрининг процес и вложува напори за до крајот на тој процес да ги исполни условите за почеток на
преговорите и затоа се надева и на продолжување на истата поддршка од страна на Унгарија.
Амбасадорот Клајн се заблагодари за оваа прва протоколарна средба и ја истакна
неговата подготвеност да придонесе во продолжувањето на успешната соработка помеѓу
двете земји, затоа што Република Северна Македонија и Западен Балкан се приоритети на
надворешната политика на Унгарија. Во тој контекст, тој спомна дека претставници на
Унгарија, подготвувајќи се за преземање на претседателството со Европската Унија во
другата половина на 2024 година, планираат идната 2023 година да ја посетат нашата земја за
да ги разгледаат сите можности на соработка, меѓу другото, и соработката во парламентарната
димензија. Претседателот Џафери и амбасадорот Клајн се согласија дека, и успешното одвивање
на процесот на евроинтеграции така и совладувањето на регионалните и глобални предизвици
предизвикани од војната во Украина, бараат сестрана и отворена соработка и за таа цел
изразија заедничка спремност за поддршка во таа соработка.