Досегашниот министер за внатрешни работи Александар Вулин; Извор на фотографија: Влада на Република Србија

Прорускиот политичар Александар Вулин е избран за директор на српската Безбедносно-информативна агенција (БИА), одлучи вчера владата во Белград. Вулин во јавната реакција по назначувањето изјави дека неговиот избор е доказ дека Александар Вучиќ не попушта под притисоците на странците.Вулин до изборот на новата српска влада ја вршеше функцијата министер за внатрешни работи и имаше исклучително блиски односи со Москва, која ја посети во текот на август годинава како еден од ретките европски министри што се одлучија да заминат во официјална посета на Русија.Инаку, по назначувањето на Вулин за директор на БИА реакции пристигнаа и од српските опозициски политичари, кои обвинуваат дека неговото именување е избрано од рускиот амбасадор во Србија, Боцан Харченко.Лигата на социјалдемократи на Војводина оцени дека изборот на Александар Вулин за директор на БИА е срамен чин на српската влада, наведувајќи дека зад ваквата одлука стои рускиот амбасадор во Белград, Харченко.Опозициската Партија на слобода и правда во реакцијата нагласува дека со назначувањето на Вулин е загрозена безбедноста на граѓаните и на Србија.Српскиот историчар Милан Протиќ вели дека српската безбедносна служба е формирана по пример на злогласната советска служба КГБ и отсекогаш работела по тие принципи. Тој смета дека на новата функција Вулин е погоден за да врши прислушување на руската опозиција што се наоѓа во Србија.„Сите оние кои биле на чело на таа служба потекнуваат од тој шинел. Мене ова не ме чуди, бидејќи таа служба никогаш не е реформирана и има длабоки корени во комунистичкото разбирање на својата улога и на светот. Во таа смисла, оваа одлука, сосема добро се вклопува“, вели Протиќ.