„Најобичен политички лешинар, го напаѓа двонеделниот технички министер од ВМРО-ДПМНЕ за проблем наследен од неспособните и предавнички кадри на СДСМ“ – одговори пратеникот Петрушевски на соопштението на Левица.
Таканаречениот ,,Преспански договор” кој го поткопа македонскиот идентитет и право на самоопределување, дополнително преку наметнатата промена на веќе важечки документи, нè става во понеповолна положба во однос на останатите странци во државата кои ќе имаат право слободно да се движат, да возат автомобил, а ние како граѓани од трет ред нема да смееме слободно да се движиме ниту да управуваме возила. Со измени во законите за промена на пасоши, лични карти и возачки дозволи, спротивно на Уставот, се ограничи правото на слободно движење кое е загарантирано и стекнато цивилизациско право – се вели во денешната реакција на Левица.
Според Левица, Министерството за внатрешни работи предводено од ВМРО-ДПМНЕ, со шокантна објава ја информираше јавноста дека од утре возачките дозволи без „Северна“ нема да важат.„Иако претходно лажеа, како Спасовски така и техничкиот министер Тошковски, дека возачките без „Северна“ ќе важат, сепак во последен момент излезе на виделина дека нашите граѓани ќе бидат оставени на немилост, а дополнително ќе биде ограничено движењето на граѓаните и во рамки на нашите граници“ – се вели во реакцијата на Левица.
Пратеникот Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ ја кометнираше реакцијата на Левица со статус на Фејсбук нарекувајќи го „најобичен политички лешинар, кој го напаѓа двонеделниот технички министер од ВМРО-ДПМНЕ за проблем наследен од неспособните и предавнички кадри на СДСМ“.„Замислете, овој текст Апасиев го објавува по најавата на министерот Тошковски, денес на вестите на Канал 5, дека подготвил измена на законите за продолжување на важноста на возачките дозволи и патните исправи“ – се вели во коментарот на Петрушевски.