Овој фестивал, кој ги негува вредностите на врвната визуелна уметност, е и чувар на споменот за љубопитните браќа Манаки за кои дотогаш „непознатото“ било голем предизвик. Тој предизвик нè донесе до „Прекрасното непознато“.
Затоа, со нескриено задоволство сакам да нагласам дека збирката на движното културно наследство ФОНД 580 „Браќа Манаки 1853 – 1964“, која се наоѓа во битолското одделение на Државниот архив, ја прогласивме за културно наследство од особено значење, во поткатегоријата исклучително значење. Збирката од над илјада и двесте артефакти е оригинално сведоштво за едно бурно време на Балканот и своевиден ракопис од европска важност. За историјата на светската кинематографија и да не зборуваме. Зашто браќата Манаки беа први на Балканот, меѓу првите во Европа. Македонската кинематографија им ја должи сета почит.
Оттаму, радува ентузијазмот, страста на овој фестивал, од година во година, со децении, да ја надоградува љубовта кон добриот кадар. И тоа ја заслужува нашата почит. Им благодарам на сите на кои овој „празник на филмот“ во Битола им е сè. Министерството за култура е и ќе биде ваш почитувач и пријател.
На овогодишните носители на „Златна камера 300“ и на „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ од срце им ги честитам признанијата. Вие ја заслужувате нашата почит.Филмската уметност е моќен медиум, најразбирливиот јазик кој лесно ги минува сите бариери. Тоа одамна го осознаа браќата Манаки. И влегувајќи во „свој“ филм, допреа до „Прекрасното непознато“.
🎬Празникот во Битола веќе почна!