Основниот суд во Куманово денеска по четврти пат го продолжи за уште еден месец притворот за градежната инспекторка Л.Т. која во ноември беше уапсена при примање поткуп, јави МРТВ. Семејството на осомничената го обвинува судот за тортура – роднините сметаат дека истрагата е завршена, а за неколку дена е закажано и првото судско рочиште, па поради тоа нема причина осомничената да остане во притвор. Покрај тоа, семејството посочи дека 60-годишната осомничена неколкупати морала да оди во болница поради нарушено здравје, а имала и хронични болести и болнички уверенија дека не може да се лекува во затворски услови. -Кумановскиот суд сето тоа го заташкува и донесува ослуки во нечиј личен интерес, а не во интерес на законот. Веќе четврти месец го крши законот и врши тортура врз мојата мајка и нашето цело семејство. Дали ова е начин да се прикрие вмешаноста на некој од судиите и дали се плашат дека ќе излезе и изнесе некои информации ако биде пуштена во куќен притвор?, рече ќерката на осомничената пред кумановскиот суд.
На почетокот на истрагата, притворот е определен поради можност од влијание на сведоци и истрага. Од обвинителството соопштија дека мерката ја барале бидејќи сметаат дека таа е неопходна поради сериозноста на случајот. Досега во истрагата се преземени потребните дејствија за обвинителниот акт да биде издржан, изјави за МТВ кумановскиот обвинител Зоран Марковски. Градежната инспекторка во општина Куманово беше уапсена со обележани пари на почетокот на ноември, откако примила 4.000 евра од познат кумановски градежник. Во меѓувреме, полицијата денеска извести дека против Л.Т. е поднесена уште една кривична пријава – таа, според МВР, наместо да задолжи уривањето на дивоизграден објект да го спроведе сопственикот, наредила тоа да го направи општината, со што ја оштетила за околу 8.000 евра. „СВР Куманово поднесе кривична пријава против Л.Т.(60) од Куманово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,злоупотреба на службена положба и овластување“. Пријавената, градежен инспектор во општина Куманово, извршила инспекциски надзор на објект во Куманово и констатирала бесправна градба, за чие отстранување наместо да го задолжи правното лице, донела заклучок отстранувањето да го изврши општина Куманово, со што го оштетила буџетот на општина Куманово за износ од 498.503 денари“, пишува во полициското соопштение.