Дијабетичарите бараат министерот за здравство, Арбен Таравари, да ги реши нивните проблеми со инсулин и антидијабетна терапија и да се посвети на унапредувањето на квалитетот на живот кај лицата со дијабетес и хронично болните. Претседателот на Сојузот на здруженија на дијабетичари Диме Велев, на средба со Таравари и директорот на Клиниката за ендокринологија доктор Хасан Танер, побарал менување на начинот на кој се доставуваат помагалата за пациентите со дијабетес.
Пациентите со дијабетес бараат да се обезбеди технолошки современа опрема за пациентите со дијабетес тип 1, како што се системи за континуирано следење на гликемијата. Тоа се сензори и нано-инсулински пумпи и сетови за околу 3.700 пациенти кои страдаат од дијабетес тип 1 за да се превенираат животозагрозувачки состојби. Меѓу барањата е и навремено обезбедување квалитетни гликомери и ленти за мерење шеќер како основно медицинско помагало кое го обезбедува Министерството за здравство.
-Побаравме да се промени начинот на набавка и наместо со тендер, да се воведе референтна цена преку Фондот за здравство. Така пациентот би имал можност за избор и доплата на одреден вид помагало, но во референтната цена мора да има предвидено и медицинско помагало без надоместок – вели Велев за „Слободен печат“.
Сојузот на министерот му предочил дека мора да се надополни позитивната листа на лекови и на неа да се најде алфалипоичната киселина која ја користат голем број пациенти со дијабетес тип еден и тип два со компликации при појава и третирање на дијабетична полиневропатија. Се бара и обезбедување на најсовремената терапија која го спречува губењето на видот кај лицата со дијабетес тип еден и да се прошири бројот на местата каде што може да се аплицира оваа терапија. Дијабетичарите досега имаа проблем и со таблетарната терапија која се набавува преку Министерството за здравство, а се издава преку инсулинските аптеки.
-Бараме таа да биде достапна навремено и во број согласно потребите на пациентите. Исто така, треба да се прошири позитивната листа со современа иновативна терапија која спречува компликации и е достапна во сите аптеки да се купи приватно – додава Велев.
Сојузот алармира дека е потребно што побрзо да се обезбеди решение за добивање упат преку системот „Мој Термин“ за во што побрз временски период лицата со дијабетес да може да закажат преглед кај специјалистите за да се превенираат компликации.
Министерот за здравство го информирал Сојузот на здруженија на дијабетичари дека на крајот на 2024 година ќе предложи да се донесе одлука да се набават уште 700 системи за лицата со дијабетес тип 1, а во 2025 година тој број да се зголемува така што до 2026 година да бидат обезбедени сите пациенти со дијабетес тип 1 со овие системи.
Исто така, Министерство за здравство има донесено став дека следната 2025 година треба да се воведе новиот начин на достапност на ленти и глукометри за лицата со дијабетес на инсулинска терапија со воведување на моделот на „референтна цена“, односно за пациентите да бидат достапни повеќе глукомери и ленти со најсовремени стандарди и модели на квалитетно менаџирање на дијабетесот, вели Велев.
Позитивната листа на лекови веќе се менува со нови терапии. Министерот Таравари извести дека тој процес нема да заврши, туку до крајот на 2024 година ќе се изврши уште една дополна и промена на листата за терпија која пациентите ја земаат од аптеките и е на товар на ФЗОМ. Ветувањата за дијабетичарите биле дека нема да има недостиг на ленти и инсулин во одделни центри во државата, како што имаше досега.