Најреномираниот сајт за храна „Тејст атлас“ (TasteAtlas) објави листа на најдобрите супи во светот, а парагвајската супа Вори – Вори го зазеде првото место.
Вори – Вори е парагвајска супа со месо (обично говедско или пилешко), меки кнедли кои се состојат од пченкарно брашно и сирење, како и многу зеленчук – моркови, целер и кромид. Супата традиционално се зачинува со ловорови листови, каранфилче и магдонос, а шафранот ѝ дава богата златна боја и посебен вкус. Вори – Вори е особено популарна во текот на студените зимски месеци, иако понекогаш се јаде и во лето. Оваа супа секогаш се служи топла, посипана со магдонос и рендан пармезан. Супата е многу богата со хранливи материи, а има многу варијанти, како онаа со додавање парчиња пилешко на скара, пренесува „Тејст атлас“.
На второ место се најде супата равон од Индонезија, додека третото го зазема сото бетави, исто така од Индонезија, говедска супа составена од парчиња месо и изнутрици кои полека се динстаат во чорба од кокосово млеко.
Рангирањето на храната на „Тејст атлас“ се заснова на оценките на публиката на оваа реномирана веб-страница, со низа механизми кои препознаваат вистински корисници. За списокот „10 најлошо оценети македонска храна“ до 16 март 2024 година, евидентирани се 2.224 оценки. Целта на рангирањето на „Тејст атлас“ е да промовира одлична локална храна, да влее гордост на традиционалните јадења и да разбуди љубопитност за јадењата што не сте ги пробале.