Топлотниот бран кој моментално ја погоди Италија и околните земји е толку силен што ја погоди и највисоката точка во тој дел од Европа. Температурите на воздухот на Мон Блан, на надморска височина од 4.807 метри, беа над нулата за време на викендот цели 33 часа, објави АРПА, регионалната еколошка организација за долината Аоста.
– Температурите на воздухот, забележани во автоматската метеоролошка станица во Коле Мајор, на 4.750 метри надморска височина, од 10 август на полноќ до 11 август во 9 часот се над нулата цели 33 часа – се наведува во соопштението. Вакви високи температурни вредности се забележани, само во пократки периоди, на 5 август (пет последователни часа) и на 18 и 30 јули, објави АРПА.
Во соопштението се наведува дека последиците од италијанскиот топлотен бран се одразиле на температурата на највисоката планина во Западна Европа, јави „Анса“.
– Летните температури над 40 степени станаа стандардни во некои региони во Европа. Ова ниво на топлина има катастрофални последици. Се верува дека повеќе од 60.000 луѓе во Европа починале како последица на екстремните горештини во 2022 година. Најмногу ги погодува постарите лица, со постоечки здравствени проблеми и чии тела не можат да се справат со високите температури. Сепак, топлината може да биде смртоносна за децата и работниците на отворено – изјави д-р Фридерике Ото, коосновач на „World Weather Attribution“ и предавач по климатски науки на Империал колеџ во Лондон, за „Science Media Center“.