Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски за интервју на Алфа ТВ на прашање за акцијата во којашто паднаа двајца поранешни полициски службеници коишто издавале службени тајни на една од групите од подземјето, истакна дека преку ЕУРОЏАСТ, МВР и Обвинителството имаат добиено голем број докази поврзани со организиран криминал и корупција добиени преку апликацијата SKY која ја користеле криминалните групи и нивните доушници за меѓусебна комуникација.
„Ќе следат постапки и во иднина, коишто ќе бидат насочени кон сите оние кои сториле криминал, а за кои има докази во рамки на предметната апликација. Моите информации се дека доказите се доста обемни. Се работи континуирано и посветено на овој предмет, и од страна на Јавното обвинителство и од страна на МВР, така да очекувам и други постапки во иднина, се со цел оние коишто печалеле незаконито на грбот на македонските граѓани, отидат таму кај што им е местото.“, потенцираше министерот Тошковски.
Министерот Тошковски изрази сомнеж во фактот што голем број полициски акции кои порано се реализирале често завршувале со неуспех да се обезбедат водачите на тие кланови и банди а зад решетки завршувале условно „поситните риби“. „Ќе направам паралела со две акции коишто беа спроведени овој месец со таа акција која беше спроведена на крај на мандатот на мојот претходник.
Тогаш беа уапсени ако имало план за апсење на 10 луѓе беа уапсени од број 5, 6 па надоле. Овие првите, лидерите, не беа уапсени и информациите се дека тие не се ни на територијата на Македонија. Така се правеле акциите порано, не дека не можело да се случи такво нешто, но сомнително е малку зошто баш првите по ранг во криминалните групи или ги снемуваше или случајно се наоѓале во рамки на друга држава за време на акцијата.
Двете акции коишто ги спроведовме во рамките на овој месец, првата беше фокусирана на најголем дел цариници во југоисточна Македонија каде што беа уапсени сите претходно таргетирани луѓе, сите за кои Обвинителството ќе води итна постапка. Истото се случи и со втората акција поврзана со трговија со дрога, луѓе итн., во западна Македонија.
Овие две акции се спроведоа во една недела. Кога имате координирани акции, кога нема да „протечат“ одредени информации до оние кои се предмет на самата истрага, тие нема да се најдат токму во тој момент на апсењето во друга држава, туку ќе се најдат како што се најдоа, зад решетки. Тоа е разликата како претходно биле спроведувани акциите а ако сега се спроведуваат.
Не дека и сега не би можело да се случи нешто такво, но претходно во континуитет им се случуваше. Во овие две обемни акции коишто ги направивме, сите оние коишто беа предмет на истрагата, беа пронајдени, соодветно лишени од слобода и процесуирани пред органите на прогонот.“, дециден беше министерот Тошковски. Тошковски нагласи дека МВР во иднина ќе ги презема сите можни чекори во рамките на своите надлежности, за секој еден за којшто е издадена соодветна наредба од страна на надлежни институции да се најде таму каде што му е местото.