Поранешниот американски претседател Доналд Трамп изјави дека жали што ја напуштил Белата куќа по поразот на претседателските избори во 2020 година, што никогаш не ги призна. „Ја имавме најбезбедната граница во историјата на нашата земја на денот кога заминав. Не требаше да заминам. Мислам, искрено, затоа што завршивме толку добра работа“, рече републиканскиот претседателски кандидат на предизборниот митинг во Литиц, Пенсилванија.
Трамп додаде дека сега има „стотици адвокати“ на секое избирачко место за претстојните претседателски избори. Тој зборуваше за постигнувањата на неговото претседателствување. „Имавме најдобра економија досега. Го имавме тој ѕид. Имавме сè“ рече тој. Трамп ги загуби претседателските избори во 2020 година од неговиот демократски противник Џо Бајден. И денес одбива да го признае поразот. Поранешниот претседател поднесе десетици тужби по победата на Бајден во 2020 година, што не успеа на суд.
Неговото инсистирање дека победил и дека „победата“ му е украдена ги навело неговите приврзаници да упаднат во Капитол во Вашингтон, седиштето на американскиот Конгрес, на 6 јануари 2021 година. Трамп на крајот се држеше настрана од церемонијата на положување заклетва на Бајден подоцна истиот месец, кршејќи ја традицијата.
Тој ја напушти Белата куќа неколку часа пред инаугурацијата. Трамп ќе се кандидира против демократката Камала Харис на претседателските избори на 5 ноември. Тој фрли сомнеж во интегритетот на претстојните избори.