– Треба да дадат пари. Треба да ни парираат. Ако не го сторат тоа, ќе бидам многу разочаран, рече Трамп по состанокот со претседателот на Претставничкиот дом Мајк Џонсон, на кој разговараа за помошта за Украина и американските избори, пренесува „Хил“ („The Hill“).Трамп со месеци изразува скептицизам во врска со обезбедувањето американска помош за Украина во нејзината војна против Русија, тврдејќи дека поддршката на Украина не е витален американски интерес и оти Европа треба да го обезбеди најголемиот дел од помошта.
Неговите ставови влијаеа на неговите сојузници во Конгресот, што го отежнува поминувањето на помошта за Украина во Домот кој е под контрола на републиканците. САД обезбедија милијарди долари воена и хуманитарна помош за Украина, но на крајот на минатата година останаа без средства кои ги одобрува Конгресот.
Американскиот претседател Џозеф Бајден постојано предупредуваше дека поддршката на Украина е во интерес на Соединетите Американски Држави, бидејќи „ако Русија ја победи Украина, може да изврши инвазија на сојузник на НАТО, што би ги вовлекло американските сили во поширок конфликт“.Сенатот минатиот месец усвои пакет за финансирање на националната безбедност од 95 милијарди долари, кој вклучуваше помош од 60 милијарди долари за Украина.