Поранешниот претседател на Бразил, Жаир Болсонаро, планира да се врати на политичката сцена со очекувана поддршка од новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп, што би можело да вклучи економски санкции против актуелниот претседател Луис Игнасио Лула да Силва, пишува денеска „Волстрит џурнал“.
-Трамп се врати, а тоа е знак дека и ние ќе се вратиме, рече Болсонаро (69), кому му е забрането да се кандидира за јавна функција до 2030 година, а исто така се соочува со обвинувања за наводен заговор за државен удар.
Според весникот, тој ги отфрлил обвинувањата, тврдејќи дека бил жртва на лов на вештерки од страна на претседателот Лула и левоориентираните судии.-Тие не ме сакаат само во затвор, туку сакаат да бидам мртов, рече Болсонаро. Новоизбраната администрација на Трамп сè уште не одговорила на овие обвинувања. Адвокатот на Болсонаро одби да го коментира интервјуто, како и канцеларијата на бразилскиот претседател Лула. Федералната полиција на Бразил во вторникот презентираше докази до Врховниот суд дека Болсонаро бил директно вклучен во заговорот за државен удар за да се поништат резултатите од изборите во 2022 година на кои тој загуби.
Полицијата тврдеше и дека поранешниот претседател знаел за планот за атентат на Лула пред да ја преземе функцијата. Во конечниот извештај на полицијата, кој е резултат на речиси двегодишна истрага, беа презентирани докази собрани врз основа на претреси, прислушување, финансиски извештаи и сведочења кои укажуваат на криминален заговор со Болсонаро на чело. Победата на Трамп во САД и даде нова енергија на крајната десница во Бразил и ги зголеми надежите дека Болсонаро би можел да се врати на власт, и покрај правните пречки за неговата кандидатура на општите избори во 2026 година.