Лелеци и плач одекнуваат денеска во кочанската болница од родители и роднини кои ги изгубиле своите блиски во трагедијата што се случи во кочанската дискотека.

Родителите на кои им соопштуваат дека нивните деца загинале, не можат да се соземат и извикуваат: „Што ќе ми е мене животот“.

Според последните информации, во катастрофалниот пожар што ја проголта дискотеката „Пулс“ во Кочани, загинаа 59 млади луѓе, а 155 се повредени.

Голем број луѓе во дворот на болницата чекаат информации за состојбата на нивните блиски кои се повредени, со изгореници или со последици од вдишување на чад. Тие се жалат дека и натаму не добиваат официјален список на луѓето кои се згрижени во болницата, како и колкумина се починати.

Според информациите, најголем дел од повредените и од жртвите се малолетници, на кои им е забрането да бидат во дискотека во три часот наутро. Екипи на Црвениот крсти и на Армијата се во дворот на болницата, подготвени да помогнат доколку е потребно.