Мактел побара изјава од претседателот на советот на Град Скопје, професорот Трајко Славески во врска со изјавите на градоначалничката Данела Арсовска и соопштенијата од Град Скопје во кои таа вината ја става во советничката група на ВМРО ДПМНЕ за тоа што била лош градоначалник.
– Најакутни проблеми во главниот град, од многуте, во периодов се хигиената и јавниот превоз. Хигиената е во надлежност на две ЈП – Комунална хигиена – Скопје и Паркови и зеленило. Совет на град Скопје ги има усвоено програмите за работа и на двете претпријатија, како и нивните инвестициски програми за 2024 година. За ЈП “Паркови и зеленило” дадена е и дозвола за дополнителни (сезонски вработувања). Единствено Совет нема дадено дозвола за сезонски вработувања во ЈП “Комунална хигиена -Скопје”. – вели за Мактел професорот Славески.
Понатаму тој вели: – За сезонските вработувања во КХС се дискутираше на средбата во Влада што се одржа на 19 август. Беше заклучено до четврток, 22 август раководството на КХС до советниците да достави анализа за структурата на вработените во ова ЈП, со фокус врз превработеноста. За предлогот за задолжување на градот кај некоја од комерцијалните банки за набавка на нови еко-автобуси до сега од 45 членови на Совет предлогот нема добиено повеќе од 6-7 гласа, а се потребни најмалку 23. За ова нема поддршка ниту од советниците од коалицијата предводена од СДСМ.– истакна Славески.
Во врска со ЈСП, тој истакна: – Членовите на Совет од Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ во повеќе наврати поддршката ја условуваа со извештај за состојбите во ЈСП. Нивните барања беа во континуитет игнорирани. Без натамошна елаборација, би посочил на неплаќањето на ратата за набавените автобуси претходно од времето кога градоначалник беше Шилегов. Сметката мораше да ја плати Влада од централниот буџет. Се прашувам со кој кредибилитет Арсовска сака Совет да ѝ одобри ново задолжување, а не ги плаќа доспеаните рати од претходно?!