Статус на поранешниот градоначалник на Скопје, Трифун Костовски: ФК Вардар и политика. „Несомнено најтрофејниот и најпознатиот фудбалски клуб во Македонија ФК Вардар денес се најде на ударните страници на сите медиуми и социјални мрежи. Причина за ваквиот чин е доделување од Градот Скопје поддршка од 15 милиони денари, без обврска за враќање, со одлука на Советот на Град Скопје. Иницијативата за ваквиот предлог е донесена од советниците на ВМРО-ДПМНЕ и е поддржана со огромното мнозинство на Советот на Град Скопје. Одекна изјавата на градоначалничката Арсовска која по мене е сосема аргументирана и укажува дека оваа помош е еднократна и дефинитивно не ги решава проблемите на ФК Вардар, при тоа потенцирајќи дека увид во трошење на парите ќе нема Градот Скопје и дека со овој чин само се зголемува сомнежот за нелегално користење на финансиски средства, собрани во касата на градот од нас граѓаните.
За мене лично е неразбирлив овој чин на советниците од Град Скопје, посебно на советниците од ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи на овој начин не се решава состојбата на ФК Вардар, туку напротив се продолжува агонијата која во овој клуб трае веќе втора деценија. Дали спортот, во случајот ФК Вардар треба да биде ставен во дневно-политички игри е прашање кое го засега секој сериозен граѓанин во нашата држава. По мене многу подостоинствено ќе беше да ФК Вардар се преземе од страна на Градот Скопје на кој начин во континуитет ќе му се обезбеди стабилност и реализација на поставените цели во овој случај во фудбалот. ФК Вардар треба да се врати на старите патеки, ама не на овој начин. Овој начин на помош е само „купи ден продај ден“ без јасна визија. Основното прашање кое се поставува пред нас граѓаните е што точно се крие зад овој случај?
Фактот дека парите на граѓаните на град Скопје се користат бесцелно е евидентен. Судирот помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и градоначалничката на Град Скопје веќе се покажува во сите сфери на нашето живеење во Скопје. Се поставува прашањето: кој е Градоначалник на Град Скопје, дали градоначалничката Арсовска или Советот на Град Скопје, предводен од господинот Славевски. Предлог за финансиска поддршка на спортски клуб, треба да биде од страна на градоначалничката на Град Скопје, бидејќи таа под себе ги има секторите за култура и спорт кои несомнено си ја знаат својата работа, а истовремено секторот за финансии треба да даде свое мислење дали во овој момент градот треба да се расфрла со финансиски средства кои нема да дадат ама баш никаков резултат. Упатно е ВМРО-ДПМНЕ и госпоѓата Арсовска, градоначалничка на Град Скопје да ја симнат топката и да работат во интерес на граѓаните на град Скопје. На овој начин се практикува двојноста во управувањето на градот Скопје. Недоличните обвинувања меѓу господинот Славевски и градоначалничката Арсовска не служат на чест на ниедна страна. Заклучувам дека ФК Вардар станува плен во политиката. Дали е потребно да се додаваат политички бои и во спортот.“