Фото: Центар за нови иницијативи во уметноста и културата „Локомотива“

Центарот за нови иницијативи во уметноста и културата „Локомотива“ информира дека во просториите на Младинскиот културен центар деновиве ќе се одиграат три претстави. На 3 ноември ќе се прикажува „Ладен воздух: ода за женската фантазија“ на Александра Петрушевска, како и „Seguir moviendo“ на Дарио Бардам. За двата перформанси блок билети може да се набават овде.

   

„На 4 ноември, пак, ќе се прикажува „Скринсејвер“ на Александар Георгиев од 20 часот, а билети може да се набават овде“, информираат во „Локомотива“.

 

Оттаму појаснуваат дека прават напор во неколкуте изминати години да ѝ се овозможи на македонската публика поглед на најновите локални, регионални и меѓународни
танцови и перформанс продукции поврзани со програмата на „Локомотива“, која има цел да го позиционира танцот како социо-политички релевантна уметничка форма што им овозможува на различните тела во танцот да го одвлечат вниманието, да го прошират или да го засилат нашето гледиште за танцот и изведбата.

   

     

„Трите претстави ќе ни дадат поглед на најновите дела на извонредните уметници Александра Петрушевска, Дарио Бардам и Александар Георгиев кои соработуваа со Локомотива изминатата година и сега премиерно ги прикажуваат своите дела. Нивниот уметнички придонес на нашата сцена не е само естетски туку и социо-политички поради нивниот споделен труд и придонес во продукцискиот процес преку споделување на сопствените ресурси“, наведено е во соопштението на Центарот.