Турција се подготвува да ги ратификува рамковните воени договори со три балкански земји кои ја опкружуваат Грција, зајакнувајќи го нејзиното присуство во регионот и проширувајќи го своето влијание. Имено како што пренесуваат грчките медиуми овие договори беа потпишани во 2024 година со Албанија, Косово и Македонија, во период на зголемени геополитички тензии во источниот Медитеран. Поради ова Грција изрази загриженост поради зајакнувањето на одбранбената соработка на Турција, особено во областите од историско и стратешко значење. Како што наведува „Грик сити тајмс“ Балканот долго време е поле на влијание на конкуренцијата меѓу сојузниците на НАТО и надворешните сили, а продлабочените воени односи на Турција со овие земји укажуваат на нејзината намера да игра поактивна улога во обликувањето на регионалната безбедност. Договорите брзо беа ставени на дневен ред на турскиот парламент, за разлика од вообичаените долги процеси на одобрување за слични воени договори. Анкара ги гледа како дел од пошироката стратегија за зајакнување на одбранбената соработка и справување со регионалните безбедносни закани.
Според договорите, Турција и нејзините партнери ќе соработуваат во различни воени и одбранбени сектори, како што се обука, заеднички вежби, соработка во одбранбената индустрија, размена на информации, логистичка поддршка, медицински услуги, сајбер одбрана, мировни мисии и спротивставување на мини и импровизирани експлозивни направи. Тие, исто така, обезбедуваат размена на персонал, заедничко истражување во воената наука и технологија и оперативна соработка во мисиите за хуманитарна помош и одговор при катастрофи. Според пишувањата, Турција ги смета овие формални воени договори како отскочна штица за подлабоки одбранбени врски и идни договори, почнувајќи од продажбата на беспилотни летала од Бајрактар, но проширувајќи се на различни одбранбени производи. „Нордик монитор“ објави дека Турција користи пошироки рамковни договори за да ги задржи деталите за следните договори скриени од очите на јавноста. Бригадниот генерал Есат Махмут Јилмаз откри дека Турција ги консолидираа трите договори во една рамка за да го забрза своето учество во воените операции во странство. Откако ќе биде ратификувана и објавена во Службен весник, турската војска ќе може да склучува секундарни договори со странски партнери без дополнително одобрение од парламентот, ограничувајќи ја јавната дискусија за воените активности на Турција во странство.