Украина ја нападна Москва во неделата со најмалку 34 беспилотни летала, што е најголемиот напад со беспилотни летала врз руската престолнина од почетокот на војната во 2022 година. Како што објави Ројтерс, во нападот е повредено најмалку едно лице а сите предвидени летови од трите аеродроми биле пренасочени. Руската противвоздушна одбрана уништила уште 36 други беспилотни летала над Западна Русија, соопшти руското Министерството за одбрана. „Обидот на режимот во Киев да изврши терористички напад со помош на дронови на територијата на Руската Федерација беше спречен“, соопшти Министерството.
Руската федерална агенција за воздушен транспорт соопшти дека аеродромите Домодедово, Шереметјево и Жуковски пренасочиле најмалку 36 летови, но потоа продолжиле со работа. Едно лице е повредено во московскиот регион. Москва и нејзиниот околен регион, со население од најмалку 21 милион луѓе, се една од најголемите метрополи во Европа, заедно со Истанбул. Од своја страна, Русија лансираше рекордни 145 беспилотни летала во текот на ноќта, соопшти Украина. Киев рече дека противвоздушната одбрана соборила 62 од нив. Украина, исто така, соопшти дека нападнала арсенал со оружје во регионот Брјанск во Русија, кој објави дека биле соборени 14 дронови.
Непроверено видео објавено на руските канали на Телеграм покажува беспилотни летала кои зујат низ хоризонтот. Двоипол-годишната војна во Украина влегува во, како што велат некои официјални лица, својот последен чин, откако силите на Москва напредуваа со најбрзо темпо од раните денови на војната, а Доналд Трамп беше избран за 47-от претседател на Соединетите Американски Држави. Трамп, кој ќе ја преземе функцијата во јануари, за време на изборната кампања рече дека може да донесе мир во Украина во рок од 24 часа, но не даде повеќе детали за тоа како ќе се обиде да го направи тоа.