Украина го изврши својот најголем напад со беспилотни летала на Москва, принудувајќи ги руските власти привремено да затворат три од аеродромите во главниот град. Најмалку 34 беспилотни летала учествувале во нападот на Москва, а руската противвоздушна одбрана соборила уште 36 беспилотни летала над други региони на западот од земјата за само три часа, соопшти руското Министерство за одбрана, пренесува Ројтерс. Руската Федерална агенција за воздушен транспорт објави дека аеродромите „Домодедово“, „Шереметјево“ и „Жуковски“ откажале најмалку 36 летови.
Министерството за одбрана на Русија соопшти дека во областа Курск биле одбиени 11 контранапади на украинската армија, а уште 50 беспилотни летала биле уништени над други региони во Западна Русија. Војската на Украина соопшти дека нејзините беспилотни летала синоќа нападнале арсенал во руската област Брјанск, предизвикувајќи најмалку осум експлозии и голем пожар. Од друга страна, Русија синоќа на територијата на Украина лансирала рекордни 145 беспилотни летала, соопштија украинските власти, наведувајќи дека биле соборени 62 дронови. Според украинските власти, најмалку две лица се повредени во ноќниот напад на руски беспилотни летала на Одеса, а предизвикани се и неколку пожари. Киев вели дека неговите напади со беспилотни летала на руска територија се насочени кон инфраструктурата критична за воените напори на Москва и се одговор на континуираниот руски напад на украинска територија.