Надзорот извршил увид и добиени се негативни резултати од лабораториските испитувања на асфалтот, по асфалтирањето кое го извршиле фирмите „Ју-бај 2 Амет“ и „Гама градба“, па сега коловозот одново треба да се обновува. Улицата Христо Татарчев во општината Кисела Вода повторно е раскопана, откако пред половина година со месеци се реконструираше. Асфалтот од новиот коловоз е изгребан од потегот кај „Гет кафе“, па речиси до кружниот тек во насока кон цементарница. Исто како и есента, на овој потег не минуваат ниту автобусите на јавниот градски превоз, сите се пренасочени преку булеварот Борис Трајковски. Жителите, особено повозрасните, прашуваат што се случува и колку долго овој пат ќе бидат без автобуси. Како што велат, немаат никакво известување зошто повторно се прекопува улицата. Од јавниот превоз на овој потег зависат и голем број ученици од основното училиште „Круме Кепески“, кои треба да пешачат од и до Припор.
Само што ја направија, пак ја раскопаа. Навистина не ни е јасно што се случува. Немаме никаква информација. И повторно нема автобуси, што, еве, лично за мене е голем проблем, јас сум човек во години и тешко ми е да пешачам половина километар до најблиската автобуска станица. Не знаеме ни каде да прашаме колку ќе трае ова. Есента ја оставија улицата раскопана два-три месеци, прашувавме во Општината, ама тие ни рекоа не биле надлежни за оваа улица – се пожали жител на Кисела Вода.
Изминатата есен, веднаш штом почна реконструкцијата на улицата Христо Татарчев, од ЈСП „Скопје“ соопштија дека поради градежни активности на улицата во Кисела Вода кај сервисот „Мечкаров“ линиите 13, 24, 58, 58а, 58б ќе бидат пренасочени по булевар Борис Трајковски, кај Цементарница по улицата134, кон Кружниот тек во Кисела Вода. Пренасочувањето траеше повеќе од два месеца. Сега од ЈСП ниту на нивната веб-страница ни на социјалните мрежи немаат никакво известување до граѓаните дека автобусите се повторно пренасочени. Со оглед дека станува збор за сообраќајница што е во надлежност на Град Скопје, побаравме од нив одговор околу тоа зошто повторно се прекопува улицата што неодамна е реконструирана, односно какви проблеми се јавиле по завршената обнова на коловозот.
Оттаму објаснуваат дека проектот за поврзување локални патишта го води Министерството за транспорт од каде што по спроведена тендерска постапка, склучиле Договор за изведување на градежни работи за реконструкција на улицата Христо Татарчев. Притоа, како што прецизираат од Град Скопје како изведувачи на делницата на улицата Христо Татарчев на потегот од улицата Народни Херои до пред кружниот тек на булевар Србија избрале група понудувачи, односно фирмите „Ју-бај 2 Амет“ ДООЕЛ и „Гама градба“ ДООЕЛ. Во посебна тендерска постапка за вршење стручен надзор, Министерството склучило договор за консултантски услуги за вршење надзор над изведбата на градежни работи со „Геинг“ ДОО, Скопје.
По асфалтирањето на предметната сообраќајница, надзорот има извршено увид на терен и се добиени негативни резултати од лабораториските испитувања за асфалтот. Од тие причини не може да се бележи сообраќајната сигнализација. Сите одлуки поврзани со проектот ги носат Министерство за транспорт и главниот надзор ангажиран од нивна страна – информираа од Град Скопје, истовремено објаснувајќи зошто улицата со месеци по реконструкцијата остана без обележена хоризонтална сигнализација.
До кога ќе траат проблемите на граѓаните во Кисела Вода со улицата Христо Татарчев, но и со пренасочените автобуски линии, не се знае. Фирмата „Гама градба“, која е еден од двата изведувачи на оваа улиџца, беше изведувач и на реконструкцијата на улицата „Козара“ на која поради грешки во изведбата, асфалтирањето успеа од третпат. По првото асфалтирање беа затрупани сливниците и шахтите со асфалт, а шахтите останаа издигнати над асфалтот. По второто асфалтирање на штотуку изведениот нов коловоз се појавија оштетувања веднаш по првиот пообилен дожд. Конечно третиот градежен зафат заврши успешно. Сето ова тамошните жители ги чинеше нервози речиси цела година.
Истата фирма беше ангажирана и за реконструкцијата на улицата Ленинова, на потегот од булеварот Партизански одреди до булеварот Митрополит Теодосија Гологанов. Неофицијално дознаваме дека „Гама градба“ ги добива тендерите затоа што нуди најниска цена, а тоа е главниот критериум во јавните огласи. Како што се покажа ниската цена, нуди и слаб квалитет. Можеби е крајно време да се менуваат условите во јавните огласи.