Во документот за политики се посочува дека бебињата и малите деца се најизложени на ризик од смрт и лошо здравје поради загадениот воздух. Раната и честа изложеност на загаден воздух – почнувајќи уште од матката – води кон смалување и реструктурирање на белите дробови и го зголемува ризикот од пневмонија, инфекции на горниот респираторен тракт, инфекции на увото, астма и алергии. Дишењето загаден воздух може да предизвика воспаление на мозокот, да го попречи растот и да влијае врз когнитивниот развој, како и на училишниот успех.
УНИЦЕФ апелира до владите и институциите во земјите од регионот, вклучувајќи ја и Северна Македонија, да посветат повеќе внимание и ресурси во борбата со аерозагадувањето, да ги поддржат енергетската ефикасност, пристапот до чиста енергија и подобрувањето на квалитетот на воздухот и да ги заштитат бремените жени и децата од загаден воздух.
– Конечно, товарот од инфекции со бактериска пневмонија кај доенчињата треба да се намали преку проширување на опфатот со пневмококна конјугирана вакцина (ПЦВ) – кој во Северна Македонија изнесува 56 проценти, што е многу помал опфат од просечните 86 проценти во европскиот регион на СЗО, велат од УНИЦЕФ. Новиот документ за политики на УНИЦЕФ содржи најнови податоци и препораки за подобрување на квалитетот на воздухот и намалување на смртните случаи и здравствените проблеми кај децата поради аерозагадувањето.